Видео Првите цунами-бранови го погодија Нов Зеланд

Првите цунами-бранови го погодија Нов Зеланд

Првите цунами-бранови, кои настанаа по земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, го погодија Нов Зеланд, но засега е прерано за да се утврди колкава е штетата и дали има жртви, соопшти новозеландското министерство за справување со кризни ситуации. Како што пренесуваат светските медиуми, брановите достигнувале височина од 2,1 метар.

– Се очекуваат нови цунами-бранови, кои би можеле да бидат поголеми и поопасни – стои во првичното соопштението од министерството.

Сеизмологот Ана Кајсер за новозеландското радио „Џи-ен-ен сајнс“ изјави дека морското ниво е подигнато за еден метар во регионот Северен Кантербери, на Јужниот Остров.

– Тоа е значителен пораст и луѓето треба сериозно да ги сфатат предупредувањата – рече Кајзер.

Јужниот Остров, со површина од околу 151.000  квадратни километри, е најголемиот во Нов Зеланд, со население од околу 1,1 милион луѓе. Епицентарот на потресот е регистриран на 53 километри североисточно од градот Емберли и на околу 90 километри североисточно од градот Крајстчерч, на длабочина од 23 километри. Американските сеизмолошки институт соопшти дека на Јужниот Остров се регистрирани уште десеттина повратни потреси со јачина од 4,9 до 6,2 степени.

Властите на Нов Зеланд претходно ги повикаа лицата од целиот источен брег да се повлечат кон внатрешноста на островот или на повисоките делови, откако силен земјотрес го погоди североисточниот град Кристчерч.

Новозеландското министерство за цивилна одбрана и за справување со криза на Нов Зеланд соопшти дека може да се очекуваат бранови со височина од 3,5 метри.

Премиерот на Нов Зеланд, Џон Ки, на „Твитер“ изрази надеж дека сите се на безбедно по земјотресот и оти цивилната одбрана ја проценува штетата.

Во 2011 година, Кристчерч беше погоден од силен земјотрес со јачина од 6,3 степени, при што загинаа 185 лица, а стотици беа повредени.