Ctrl - Z Прв академски час во новата неизвесна академска година: „Сите ќе излеземе посилни...

Прв академски час во новата неизвесна академска година: „Сите ќе излеземе посилни и помудри“

Индекси и средства за дезинфекција на првиот академски час | Фото: Арбнора Мемети

Паралелно со старот на учебната година, први октомври го означи почетокот и на новата академска година на дел од македонските универзитети. Студентите кои годинава го започнуваат своето високо образование, првиот академски час го имаа на отворено на платото пред факултетите.

Рекоторот на најголемиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, ги поздрави новите бруцоши на Правниот и Филозофскиот факултет и им посака да ги искористат можностите кои универзитетот им ги нуди.

Никола Јанкуловски, Ректор на УКИМ | Фото: Арбнора Мемети

„Драги наши бруцоши, денешниот ден ќе биде забележан на календарот во вашите животи како еден од позначајните. Денес вие станувате значаен дел на реномираното академско семејство на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Со добивањето на претпознатиливото обелжје на УКИМ, престижниот црвен индекс, станувате најмладите и најзначајни припадници на нашата академска заедница. Од денес свечено му припаѓате на УКИМ, а припаѓањето нa УКИМ е чест, но и голема обврска, затоа што знаењето, науката, талентот, креативноста и квалитетот се основни постулати во неговото работење“, им порача Јанкуловски.

Филозофскиот факултет денес им посака добредојде на јубилејната стота генерација студенти. Ним им се обрати министерката за образование и наука, Мила Царовска, која им порача дека учењето е најисплатлива инвестиција и дека сите ќе излезат посилни и помудри после предизвиците и новите правила кои ги наметна Ковид-19.

„Денес е голем ден на Филозофскиот факутлет во Скопје, но и за вас студентите кои го започнуват овој образовен процес, за жал во поразлични услови од претходно поради пандемијата. Пред сите нас, посебно пред младите, претстои период на предизвици кои што заедно ќе ги совладуваме и од ова ќе излеземе посилни, јас сум сигурна во тоа. Но исто така сметам дека вашиот ентузијазам и непоколебливост ќе направи да постигнете значајни резултати и во ваква година во која што се наоѓаме сега“, им порача Царовска.

Мила Царовска на првиот академски час на Филозофскиот факултет | фото: Арбнора Мемети

Првиот академски час за јубилејната стота генерација на Филозофскиот факултет, за жал мораше да биде во поразлични услови од претходните години, но организацијата беше на максимално професионално ниво, според сите протоколи за заштита од Ковид – 19, вели за Мета Димитар Коруноски, претседател на Факултетското студентско собрание на Филозофскиот факултет.

„Иако дел од запишаните студенти во оваа генерација на факултетот не присуствуваа на доделувањето на индексите, факултетот обезбеди на платформата Zoom и на социјалните мрежи од факултетот да има директен пренос и да чујат што им порачуваат говорниците“, додава тој.

На новите студенти на Правниот факултет им се обрати првиот човек на државата, претседателот Стево Пендароски, кој им порача да ги користат новите технологии, кога веќе не можат со физичко присуство да стекнуваат нови знаења. Ги поздрави и професорите и рече дека е убеден во нивниот капацитет и мотивација да им го пренесат знаењето на студентите.

„Како дел од оваа професија апсолутно сум свесен за вашата улога во образовниот процес. Го знам товарот пред секој од вас да се подготвите за час, да го пренесете знаењето на студентите, да им помогнете да го остварат својот потенцијал, да ги реализираат своите планови за животот. Да бидеш некому учител во животот е најблагородната и истовремено најтешката задача“, им порача Пендаровски.

После подготовките во текот на летото, првиот академски час денеска го имаше и Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола.

Претседателката на универзитетското студентско собрание, Дона Петрова, рече дека повеќето факултети ги пречекале бруцошите на отворено и според посебни протоколи и дека универзитетот е подготвен за настава.

„Врз основа на резултатите од анкетите кои ги спроведовме помеѓу студентите, факутлетите на наставно-научни совети одлучуваа како ќе се одвива наставата во претстојната учебна година. Вчера на ректорската управа се донесе конечната одлука. На пет факултети наставата ќе се одвива онлајн, на пет ќе има хибриден, односно комбиниран модел на настава, додека само на еден факултет, ветеринарниот, наставата ќе се одвива со физичко присуство“, вели Петрова.

Таа додаде дека претходната академска година, од појавата на пандемијата, поминала во најдобар ред, за што е потврда и позитивната оценка која ја добиле од студентите преку спроведените анкети.

УКЛО / преземена фотографија

Академската година за штипскиот универзитет, „Гоце Делчев“, ќе започне подоцна, на 13 октомври. Претседателот на тамошното универзитетско собрание, Мирко Наџаков, вели дека универзитетот е подготвен и за онлајн и за настава со физичко присуство, доколку се појави потреба од тоа.

Кампус 4, Универзитет „Гоце Делчев“- Штип / преземено од: http://3d.ugd.edu.mk

„УГД беше првиот универзитет кој настапи со онлајн настава во рок од две недели по започнувањето на вонредната состојба и бевме пофалени за успешен пример за спроведување на онлајн настава преку платформата Мајкрософт Тимс. Наставата и годинава ќе се одвива онлајн на сите факултети, додека вежбите ќе се одвиваат во зависност од желбата и потребата на професорот и предметот.  Доколку има потреба за одржување на настава со физичко присуство, тоа ќе се случи според протоколите.  Универзитетот е стопроцентно подготвен и за настава со физичо присуство. Преземени се сите мерки за заштита на здравјето на студентите“, вели Наџаков.

На новата академска година ѝ претходеа неколкумесечни подготовки, а под посебни мерки и протоколи беа спроведени и испитните сесии.