Главна секција Претседателот Пендаровски го запозна математичкиот гениј Или Морина

Претседателот Пендаровски го запозна математичкиот гениј Или Морина

Кабинет на претседателот Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски денес го запозна 13-годишниот математички гениј Или Морина чија приказна Мета.мк ја објави во 36-тата епизода на Шорткат.

„Или Морина е еден од оние надарени ученици кои импресионираат со своите постигнати резултати. Математичкиот генијалец од својата четврта година решава задачи и своето знаење го споделува јавно преку едукативни видеа на интернет“, напиша Пендаровски на својот фејсбук-профил.

На момчето од скопската населба Шуто Оризари, кое студентите што ги подучува математика и физика го нарекуваат идниот Илон Маск, претседателот му посака уште многу успеси на неговиот пат кон усовршување на својот талент.

Во разговор со Мета.мк Имране Морина, мајката на Или, рече дека претседателот покажал особен интерес за напредокот на Или и се заложил дека ќе го следи неговиот развој во иднина.

„Претседателот рече дека тој лично ќе се ангажира да помогне Или да добие стипендија и менторство“, рече Имране Морина.

Таа додаде дека една од темите на разговорот била и законската рамка според која талентираните деца сѐ уште не се во можност да напредуваат во повисоко образование.

Пред две недели Или Морина имаше можност да се запознае и со министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Тие разговараа за потребата од поддршката за младите таленти.

Математичките гении Или и Македон на средба со министерот за образование Шаќири