Свет Претреси и апсења во фабрика за лажни „ајфони“ во Кина

Претреси и апсења во фабрика за лажни „ајфони“ во Кина

Кинеските власти извршиле претреси и уапсиле девет лица во фабрика во која, според сомневањата, биле направени 41.000 лажни „ајфони“ на „Епл“, јавуваат светските медиуми.

Според информациите, во фалсификувањето биле ангажирани стотици работници кои од деловите на стари, односно половни паметни телефони склопувале „ајфони“, означувајќи ги како нови и ги подготвувале за извоз. Заработката од продажбата на лажните телефони направени во фабриката се проценува на околу 19 милиони американски долари.

Фабриката била откриена уште кон средината на мај оваа година, но од Бирото за јавна безбедност во Пекинг информацијата ја откриле дури оваа недела, преку социјалните мрежи.

Бизнисот, според информациите на пекиншките власти, бил воден од брачна двојка, а фабриката била сместена на периферијата на главниот град на Кина.

Истрагата за фабриката била иницирана од властите на САД, кои претходно заплениле дел од лажните телефони.

Извештаите за случајот доаѓаа во време кога Кина презема остри мерки за сузбивање на бизнисот со фалсификувани производи, притискајќи ги фирмите да ја брендираат стоката.