Македонија Премиерот Зоран Заев на 15 и 16 септември на работна посета во...

Премиерот Зоран Заев на 15 и 16 септември на работна посета во Грција

Премиерот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев со владина делегација на 15 и 16 септември ќе оствари работна посета на Грција. Како што соопштуваат од владиниот кабинет, Заев ќе учествува на „24-та тркалезна маса со грчката Влада”, во организација на угледниот магазин „Економист“, а ќе оствари средби и со премиерот Кирјакос Мицотакис и претседателката на Република Грција, Катерина Сакеларопулу.

На тркалезната маса на „Економист“ годинава ќе доминираат темите за справување со пандемијата со ковид-19 и потребата од нови здравствени политики, лекциите од менаџирањето со глобалната здравствена криза и влијанието на глобалната и европската економија, при што премиерот Заев ќе има свое обраќање на панел-дискусијата посветена на Западен Балкан, а ќе оствари и повеќе средби со бизнисмени и со претставници на грчката бизнис заедница.

На панелот посветен на прашањата за проширувањето на ЕУ и реформите, трговијата и инвестициите, ќе дискутираат и поранешните претседатели на Црна Гора и Србија, Филип Вујановиќ и Борис Тадиќ, поранешниот премиер на Босна и Херцеговина Златко Лагумџија, како и поранешната министерка за надворешни работи на Грција, и актуелна пратеничка од партијата Нова демократија, Дора Бакојани.

На тркалезната маса ќе учестуваат министри од грчката Влада, меѓу кои, за надворешни работи, за здравство, за одбрана, за инвестиции, поранешниот претседател на Франција Франсоа Оланд, шефот на кипарската дипломатија, амбасадорот на САД во Грција и други.