Свет Преговорите за Сирија продолжуваат на 12 и на 13 јуни во Казахстан

Преговорите за Сирија продолжуваат на 12 и на 13 јуни во Казахстан

Преговорите за ставање крај на војната во Сирија, под покровителство на Русија, Иран и на Турција, ќе продолжат на средината на овој месец во главниот град на Казахстан, Астана, изјавил денеска сирискиот амбасадор во Москва, Ријад Хадад, јавуваат светските агенции.

„Дамаск доби покана за преговори во Астана за 12 и 13 јуни“, изјавил Хадад.

Извори блиски до сириската опозиција навеле дека сè уште не добиле покана за состанокот.

Руските власти неодамна соопштија дека во јуни ќе има нова рунда преговори во Астана, без да прецизираат датум.

Властите во Казахстан, како земја во која се одржуваат преговорите, навеле дека не можат да ја потврдат, ниту да ја демантираат информацијата за продолжението на преговорите.

На последниот состанок, што се одржа во мај, учесниците го прифатија планот на Русија за воведување безбедносни зони, како дел од напорите за воспоставување трајно примирје во земјата.