Дописници Повторно стопирани градежните работи на новата Клиничка болница во Штип

Повторно стопирани градежните работи на новата Клиничка болница во Штип

Веќе неколку недели не се работи на зградата на новата Клиничка болница во Штип. Ова е четврти целосен прекин на работите за изградба на здравствениот комплекс. По пропаѓањето на „Бетон“- Штип, градежните активности како изведувач ги презеде грчката компанија „Интеркат“. Овој пат, како што објаснува државниот секретар во Министерството за здравство, Владимир Милошев, причина е барањето на изведувачот за промена на проектот.

– Проектот е од 2015 година и надминати се некои технологии, кои изнудуваат промени. Тука е суштината во моменталниот застој во реализацијата и изградбата на Клиничката болница – рече Милошев.

Тој очекува наскоро да се ревидира проектот и да продолжи изградбата. Со ова, изградбата на првата фаза од Клиничката болница, која требаше да биде готова уште лани, многу веројатно е дека ќе биде пролонгирана.

На проектот вреден 30 милиони евра никако да му тргне, откако ангажираниот подизведувач на работите „Бетон“ отиде во стечај, а работите ги презеде носителот на тендерот „Интеркат“. Болницата, која што се гради со пари од Светска банка, е изведена до ниво на карабина.