Подглавна секција Повредени четири лица во руски напад врз Кијив, Зеленски денеска во Вашингтон

Повредени четири лица во руски напад врз Кијив, Зеленски денеска во Вашингтон

Украинскиот претседател заминува во САД, неколку дена откако администрацијата на Џо Бајден предупреди дека за неколку недели ќе истечат парите за помош на Украина поради расправии меѓу американските сенатори

Фото: Кабинет на претседателот на Украина, CC BY-SA 4.0, Викимедија комонс

Четири лица се повредени од паднати остатоци откако украинската противвоздушна одбрана собори осум балистички ракети насочени кон Кијив во раните утрински часови, соопштија официјални лица по последниот руски напад врз украинскиот главен град, пренесе Гардијан.

Четири лица добиле медицинска помош во областа Дарницки во југоисточниот дел на Кијив, изјави на Телеграм градоначалникот Виталиј Кличко. Службите за итни случаи испратени во југозападната област Холосивски, пак, го гаснат пожарот што избувнал кога дел од проектил паднал на покрив од станбена зграда.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски заминува за Вашингтон, неколку дена откако администрацијата на Џо Бајден предупреди дека за неколку недели ќе истечат парите за помош на Украина поради расправии меѓу американските сенатори.

Републиканските сенатори минатата недела блокираа итна помош од 106 милијарди долари првенствено за Украина и Израел.

Кабинетот на Зленски соопшти дека тој ќе пристигне во САД денеска и дека ќе се сретне со Бајден за време на работна посета која ќе опфати „низа состаноци и дискусии“. Тој е поканет утре да им се обрати и на сенаторите во Капитол, кога ќе се одржи и средба меѓу Зеленски и претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон.

Зеленски присуствуваше и на полагањето заклетва на новиот претседател на Аргентина, Хавиер Милеи, на неговото прво официјално патување во Латинска Америка, каде што се обидува да добие поддршка меѓу земјите во развој.

Во своето ноќно видео-обраќање, Зеленски рече дека на маргините на инаугурацијата имал „искрен“ разговор со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Претходно, Орбан се закани дека ќе блокира поголема помош од ЕУ за Украина, како и преговорите за нејзино членство во Унијата.