Македонија Поради одрони и свлечишта сообраќајот на дел од патиштата во прекин

Поради одрони и свлечишта сообраќајот на дел од патиштата во прекин

Поради свлечишта, одрони и врнежи од снег, сообраќајот на дел од патиштата во земјава е во прекин, а на дел од Автомотосојузот на Македонија (АМСМ) препорачуваат внимателно возење.

Поради интензивни врнежи од снег, воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар. Кај обиколницата Битола – Ресен, на патот А3, поради свлечиште патот е во прекин во двата правци, а сообраќајот е пренасочен преку градот Битола.

Општинскиот пат село Долни Полог – село Облешево пред Кочанска река е во прекин, информираат од АМСМ, поради прекопан коловоз и е направен канал за одводнување на надојдена атмосферска вода од врнежите од дожд.

„Свлечиштата на патниот правец Кочани – Делчево се расчистени. Поради врнежите од дожд и можноста од повторно појавување на свлечиштата, од превентивни причини, патниот правец Кочани – Делчево останува затворен за сообраќај. Сообраќајот е пренасочен преку Виница – Смојмирово – Делчево“, велат од АМСМ.

На патниот правец Крива Паланка – граничен премин „Деве Баир“ кај селото Узем поради одрон зафатена е една коловозна лента во должина од 15 – 20 метри. На самото место поставена е соодветна патна сигнализација, а екипите на „Македонија пат“ работат на расчистување на коловозот и нормализирање на сообраќајот.

На патниот правец Р1106, односно Марков Манастир – село Брезница на еден километар после клучката за Марков Манастир, поради одрон сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од 10-15 метри. Од АМСМ препорачуваат внимателно возење и почитување на поставената патна сигнализација.

Поради одрони и свлечишта, сообраќајот се одвива по една коловозна лента и на патниот правец Берово – Виница кај местото Обозна и на патот Делчево – Берово кај селото Нов Истевник.

На патниот правец Р1404 Марвинци – Балинци – Брајковци под надвозникот, кај клучка Марвинци, поради излевање на каналите има вода на коловозот. Од АМСМ препорачуваат користење на алтернативен патен правец Удово – Валандово – Гевгелија и обратно.

Кај селото Страцин, на патот има континуирано свлечиште од кал и земја кое зафаќа една лента од коловозот. Се препорачува внимателно возење, прилагодување на брзината и следење на поставената сигнализација.