Македонија Попоски: СДСМ ќе мора да покаже дека е сериозен во врска со...

Попоски: СДСМ ќе мора да покаже дека е сериозен во врска со одржувањето на изборите

Охрабрува фактот дека СДСМ конечно е свесен дека деструктивна политика наидува на сè поголема осуда од граѓаните, реагираше денеска Никола Попоски по повод прес-конференцијата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

– Станува очигледно дека партијата сè уште нема покажано капацитет да излезе од агонијата и конечно да почне со конструктивна политика, во интерес на сите граѓани. Останува и впечатокот дека се работи за единствената опозициска партија која бега од избори, кои меѓу другото сама ги побарала. А воедно бегството од избори го прославува исто како изборна победа. Тоа е класично одбегнување од соочувањето со граѓаните. Во однос на барањата кои денеска ги изнесе господинот Зоран Заев, ВМРО-ДПМНЕ сака јасно да порача дека избори се прифатливи во секој термин, но нема да дозволиме државата и граѓаните повторно да бидат заложници на ново лицитирање со термини, како што тоа беше случај со 24 април и со 5 јуни – рече Попоски.

Тој додаде дека за ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо СДСМ да биде повторно дел од Владата, во насока на подготовка на фер, слободни и демократски избори, но само ако покажат дека се сериозни во врска со одржувањето на изборите и дека тоа навистина го посакуваат.

– Во оваа насока меѓу гаранциите кои ќе треба да ги понуди СДСМ е потврда дека избирачкиот список е прочистен и дека во периодот кој следи посветено ќе работат на подигнување на довербата во избирачкиот список, за кој сакаме да нагласиме дека не беше спорен за ВМРО-ДПМНЕ. Дури откако ќе биде исполнет овој основен услов, како и останатите услови поврзани со одржувањето на изборите, односно откако СДСМ ќе констатира дека се исполнети условите за одржување на фер, слободни и демократски избори, подготвени сме да разговараме околу желбата да се биде дел од Владата – рече Попоски.