Македонија Помали фирмарини, поволни комуналии и кирии, Луна паркот за догодина: Кризни мерки...

Помали фирмарини, поволни комуналии и кирии, Луна паркот за догодина: Кризни мерки на Град Скопје

Советот на Град Скопје на денешната вонредна седница под ведро небо усвои неколку одлуки како сет на мерки за олеснување на економската состојба на граѓаните во време на епидемијата на корона-вирусот. Без дискусија и во рекордно време, Советот усвои повеќе одлуки меѓу кои и одлуката со која комуналната такса за закуп на јавен простор се намалува од 15 на 5 денари по квадратен метар, колкава што е минималната цена дозволена со закон за цела 2020 година.

„Ја намалуваме и фирмарината за стопанските субјекти од 7.000 на 4.000 денари за 2020“, појасни пред Советот Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје. Шилегов, исто така соопшти и дека комуналиите ќе можат да се плаќаат на 18 наместо на 12 месечни рати и дека ова се однесува за градби со комуналии чиј износ надминува 1 милион евра.

Градот им препорача на училишните одбори закупувачите на простор во средните училишта да бидат ослободени од месечните кирии за целокупното времетраење на вонредната состојба.

„Во овие тешки моменти за сите, одржавме седница на Советот на која преземавме конкретни чекори со кои во голема мера ја помагаме домашната економија, а со тоа создаваме услови за сите граѓани да можат полесно да ги пребродат последиците од економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот“, рече Шилегов по седницата, додавајќи дека ова беше неопходно бидејќи Град Скопје е најголем чинител во македонската економија, каде се остварува најголемиот дел од домашниот БДП и каде што се најголемиот број на работни места.

Советот ја усвои и одлуката со која ќе се откаже кредитот за изградбата на новиот Луна парк, за чиешто завршување денес Шилегов рече дека нема да се случи годинава,  како и одлуката Град Скопје да се задолжи за нов кредит на иста вредност за изградба и реконструкција на улици и друга инфраструктура.

Фокусирани сме, рече Шилегов, на враќањето на парите назад во стопанството, преку обезбедувањето на повеќе средства за капитални инвестиции и одлагање на неприоритетните инвестиции како Луна паркот.

Скопскиот градоначалник со порака до Скопјани дека ова лето улиците во Скопје ќе продолжат да се градат, а ќе продолжат да се прават големите паркови кои беа започнати, мостовите, како и реновирањето на јавниот превоз.