Ctrl - Z Почнува со работа РЕДИ Рециклажа, зградите во Аеродром и Карпош да се...

Почнува со работа РЕДИ Рециклажа, зградите во Аеродром и Карпош да се пријават за селекција на отпад

Електричните возила и собирачите кои ќе ја вршат селекција; Фото: Chapter 4

Социјалното претпријатие РЕДИ Рециклажа официјално го најави своето почнување на активности кои ќе го подобрат животниот стандард и работа на неформалните собирачи на отпад и ќе ја подобрат состојбата на животната средина во Република Северна Македонија. РЕДИ Рециклажа ќе воспостави систем за примарна селекција на отпад преку мапирање на станбени згради во Општините Аеродром и Карпош во Скопје. Веќе е отворен јавен повик за пријавување на граѓаните од станбените згради: https://forms.gle/eYMcPMHVz265s4Jx6, изјави Асиб Зекир, извршен директор на РЕДИ Рециклажа на одржаниот настан „Open day with REDI Recycling”.

На официјалната промоција на новото социјално претпријатие присуствуваа министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, амбасадорот на Австрија, Георг Вутсас и Шефот за развојна соработка во СИДА, Микаел Атерхог. РЕДИ Рециклажа на настанот ја промовираше својата стратегија и визија за вклучување на Ромите во зелената економија.

По завршувањрто на јавниот повик за пријавување од страна на граѓаните, зградите ќе добијат канти за селектирање отпад (пластика и хартија). Станарите ќе треба да почна со селекција, додека социјалното претпријатие РЕДИ Рециклажа ќе врши навремено сервисирање преку празнење на кантите од страна на формализирани собирачи, коишто ќе бидат вработени во социјалното претпријатие. Целокупниот принцип на собирање ќе се врши со електрични трицикли, кои се еколошки возила што не го загадуваат ниту воздухот, објасни извршниот директор на РЕДИ Рециклажа Асиб Зекир.

За министерката Шахпаска, ова социјално претпријатие е многу важно и очекува да ја оствари својата мисија – Ромите од Северна Македонија да бидат дел од зелената економија, да добијат заштита како собирачи на отпад и да го формализираат своето работење и препознавање во системот.

За министерот за животна средина и просторно планирање, Нуредини, собирачите на секундарни суровини играат важна улога во управување со отпад поради тоа што 80-90 отсто од рециклираниот отпад е собран од неформалните собирачи.

„Социјалните претпријатија се одлична алатка за вклучување на неформалниот сектор во системот за управување на отпад. Нивното развивање може да го подобри управувањето на отпад, да создаде одржлив начин на функционирање на досегашните неформални собирачи и со тоа да придонесе кон подобрување на нивната материјална и социјална положба и подобрување на животната средина. Иницијативата на РЕДИ дава можност неформалните собирачи да се организираат и да влезат во формалниот систем за отпад“, рече Нуредини.

Во наредните четири недели, социјалното претпријатие РЕДИ Рециклажа, Здружението Гоу Грин и Пакомак ќе го промовираат повикот за мапирање на згради и ќе им овозможат на граѓаните на Скопје да бидат дел од иницијативата за селектирање на отпад.

РЕДИ Скопје, со финансиска поддршка од Канцеларијата за Ромски Иницијативи при Фондацијата Отворено Општество Берлин, ја основа компанијата РЕДИ Рециклажа која што се стекна со лиценца за собирање и транспорт на неопасен отпад, издадена од Министерство за животна средина и просторно планирање.

РЕДИ во соработката со ХЕЛВЕТАС и финансиска поддршка од СИДА, РЕДИ Рециклажа ги набави електричните трицикли и останатата потребна опрема предвидена во првите две фази на работење.

РЕДИ во партнерство со Европската канцеларија за животна средина и UMWELT Dachverband од Австрија спроведуваат проект финансиран од Министерството за Социјална работа, Здравство и заштита од Австрија, за креирање Методологија за развивање на капацитетите на собирачите на секундарни суровини согласно нивните потреби мапирани на терен.

„Мета.мк“ веќе пишуваше подетално за идниот развој на социјалното претпријатие РЕДИ Рециклажа, а видео прилог на оваа тема може да погледнете и во една од нашите претходни епизоди на емисијата за млади „Shortcut“.