Свет Европа Почина претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли

Почина претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли

Извор на фотографија: ЕУ, Европски парламент под лиценца CC-BY-4.0;

Претседателот на Европскиот парламент (ЕП), Давид Сасоли почина синоќа во болница во Италија, соопшти портпаролот на ЕП Роберто Куиљо на Твитер. 65-годишниот Сасоли престојувал во центар за онкологија во Италија повеќе од две недели „поради тешки компликации настанати поради проблеми со имунолошкиот систем“.

Европскиот парламент објави дека знамињата се спуштени во негова чест.

„Нашето најдлабоко сочувство е до неговото семејство и сите кои имаа задоволство да работат со него и да го запознаат“, соопштија од ЕП.

Социјалдемократот Давид Сасоли го презеде претседавањето со Европскиот парламент по европските избори во 2019 година. Тој веќе најави дека нема да се кандидира за уште еден мандат. ЕП соопшти дека европските пратеници наредната недела во Стразбур треба да изберат негов наследник или наследничка.