Свет Победа за Клинтон и за Трамп во „супер вторник“

Победа за Клинтон и за Трамп во „супер вторник“

Хилари Клинтон и Доналд Трамп ги зголемија своите шанси за кандидатура на претседателските избори во САД по гласањето за време на т.н. „супер вторник“.

Избирачите се изјаснуваа во 12 држави, а двајцата најпопуларни кандидати на Демократската и на Републиканската партија победија во седум држави.

Клинтон во дуелот со Берни Сандерс победи во Алабама, Арканзас, Џорџија, Масачусетс, Тенеси, Тексас и во Вирџинија, додека Сандерс триумфираше во Колорадо, Оклахома, Минесота и во Вермонт.

Во Републиканскиот дуел, на Трамп доверба му дадоа жителите на Алабама, Арканзас, Џорџија, Масечусетс, Тенеси, Вермонт и на Вирџинија, додека Тед Круз оствари изненадувачка победа во Тексас, а Марко Рубио ја забележа првата победа во Минесота.

Рубио доби надеж за претседателска номинација и по првата победа изјави дека е подготвен да оди низ сите 50 американски држави за да ја спаси Републиканската партија од човек како што е Доналд Трамп.

Во Демократската партија ситуацијата е појасна, Хилари Клинтон веќе може да се подготвува за претседателска трка со оглед на тоа дека е потврдено дека има голема поддршка на југот на САД, како и меѓу Американците со африканско потекло.

Сепак, Берни Сандерс, кој се залага за жестоки промени во американскиот систем, се надева дека неговите четири победи на „супер вторник“ ќе бидат добар залет за понатамошната трка.