Свет Балкан По заканите, ЕУ-амбасадорката во Тирана под 24-часовна полициска заштита

По заканите, ЕУ-амбасадорката во Тирана под 24-часовна полициска заштита

По најновите закани кон шефицата на Мисијата на ЕУ во Тирана, Романа Влахутин, таа и нејзиното семејство се под 24-часовна полициска заштита, јави австрискиот весник „Стандард“.

Заканите се засилени во последниот период, откако Хрватката Влахутин продолжи со интензивните напори за судски реформи во Албанија, каде корупцијата е раширена. Влахутин е претседавач на специјалната извршна комисија, во која се и амбасадорот на САД, Доналд Лу, и Геновева Руиз Калавера од Европската комисија, и која ги предлага членовите на ревизиската комисија на албанскиот парламент. Тоа е дел од предвидените реформи, со кои првпат во албанската историја се предвидува чистка на корумпираните судии и обвинители.

Тоа предизвикува многу нервоза во некои кругови, па заканите се засилени до ниво што ги изненадува и добро упатените, пишува „Стандард“. Влахутин и Лу не само што ќе ја почнат процедурата, туку и ќе го лоцираат криминалот во високите кругови. Амбасадата на САД веќе одби неколку барања за имигрантски визи.

Кампањата против Влахутин покажува колку нервозни се некои олигарси во Албанија, забележува „Стандард“ и потсетува дека таа неодамна беше прогласена за човек на милијардерот Џорџ Сорос. „Слични обиди за дискредитација се веќе подолго време присутни во Македонија“, потсетува „Стандард“.

На новите мерки се спротивставува и новоименуваниот министер за правда, Петрит Васили, од малиот коалициски партнер, партијата Социјалистичко движење за интеграции (ЛСИ), кој во писмо испратено до ЕУ и до САД ја прогласи специјалната извршна комисија за „неуставна и нелегална“.

Претседател на ЛСИ е Илир Мета, повеќекратен министер и човек кој важи за силна фигура во албанската политика, а на неговата партија ѝ пречи тоа што специјалната комисија работи главно со премиерот Еди Рама.