Свет Балкан По вчерашните избори, тешко ќе оди формирањето на нова влада во Црна...

По вчерашните избори, тешко ќе оди формирањето на нова влада во Црна Гора

Движењето зад кои стои актуелниот црногорски претседател Јаков Милатовиќ освои 26 отсто од гласовите или 24 пратенички места во црногорскиот парламент. За да се формира парламентарно мнозинство неопходно е мнозинство од барем 41 пратеник од вкупно 81

Извор на визуелизација: Центар за демократска транзиција

Движењето „Европа сега“ освои најмногу гласови на вчерашните парламентарни избори што се одржаа во Црна Гора. Движењето зад кое стои актуелниот црногорски претседател Јаков Милатовиќ освои 26 отсто од гласовите или 24 пратенички места во црногорскиот парламент, покажуваат прелиминарните резултати на Центарот за демократска транзиција врз основа на 100 отсто од преброените гласови, пишува Вијести.

Сепак, за да се формира парламентарно мнозинство за формирање на новата црногорска влада неопходно е мнозинство од барем 41 пратеник од вкупно 81, колку што ги има во Собранието на Црна Гора.

Коалицијата „Заедно“ предводена од Демократската партија на социјалистите на поранешниот претседател Мило Ѓукановиќ на изборите освои 23 отсто од гласовите и во идниот парламент ќе има 21 пратеник.

Лидерот на движењето „Европа сега“ Милојко Спајиќ доцна синоќа рече дека јасно кажале оти се против коалиција со Демократската партија на социјалистите на Ѓукановиќ и граѓанското движење УРА на досегашниот премиер Дритан Абазовиќ, пишува Побједа.

„За помалку од една година станавме најголема партија во Црна Гора и покрај сите притисоци, злоупотреби на државните ресурси и сето она што го сведочевте. Задоволни сме со резултатот“, изјави Спајиќ.

Врз основа на ваквите првични коментари на победникот, извесно е дека Црна Гора ја чекаат мачни преговори околу формирањето на идната црногорска влада, во која клучна улога ќе имаат помалите политички партии и коалиции што влегоа во парламентот.

Коалицијата „За иднината на Црна Гора“ освои 15,1 отсто од гласовите или 14 пратенички мандати, додека коалицијата на Демократите и граѓанското движење УРА доби 12,3 отсто од гласовите или 11 пратеници. Бошњачката партија освои шест пратенички места, коалицијата меѓу Српската народна партија и ДЕМОС доби тројца пратеници, Албанскиот форум ќе има двајца пратеници, додека Албанската алијанса и Хрватската граѓанска иницијатива се стекнаа со по еден пратеник во идниот црногорски парламент.

Огнен Митровиќ од Центарот за мониторинг и истражување ЦеМИ во изјава за Радио-телевизија Црна Гора утрово рече дека нема да биде едноставно да се формира стабилна црногорска влада.

„На прашањето дали ќе добиеме стабилна влада која ќе трае четири години не е лесно да се одговори и нема да биде лесно да се формира една таква влада“, изјави Митровиќ.

Тој го потенцираше фактот дека на вчерашните избори излезе убедливо најмал процент на гласачи во споредба со било кои досегашни избори кои биле организирани од воведувањето на повеќепартискиот систем во Црна Гора. Изборната излезност вчера била 56,7 проценти.

„Дојде и до разочарување на избирачкото тело во Црна Гора, но на излезноста влијаеше и терминот на одржување на изборите на почетокот на самата туристичка сезона, па така еден дел од граѓаните беше отсутен од населените места каде гласаат“, изјави Митровиќ.