Дописници По смените во СВР Штип од претходниот министер, се очекуваат нови назначувања...

По смените во СВР Штип од претходниот министер, се очекуваат нови назначувања од Чулев

Во последните денови од министерувањето на Оливер Спасовски во Министерството за внатрешни работи, тој направи две клучни смени – на врвот на СВР Штип и на врвот на кочанската полиција, а сега во Штип на големо се шпекулира дека техничкиот министер на МВР, Наќе Чулев ќе го смени неодамна назначениот началник на СВР Штип и ќе постави свој човек. Чулев, според Пржинскиот договор има право на 15 промени во структурите на МВР.

Имено, на само десетина дена пред министерската смена, за началник на СВР Штип беше назначен Марјан Коцев, инаку кадар на штипската полиција, кој повеќе од две години беше во кабинетот на Оливер Спасовски. Коцев дојде на местото на Љупчо Трајковски, кој веќе подолг период беше суспендиран и отсутен од работа.

Коцев, според шпекулациите, кратко време ќе се задржи во началничката функција, оти „било најавено“ дека министеот Чулев на тоа место го планира Александар Николов, кој сега работи во Одделението за странци, а Коцев ќе стане негов заменик. До овие моменти, нема стигнато официјално известување за ваква промена.

Во рамките на СВР Штип е извршена уште една промена – на местото началник на кочанската полиција. Таму беше именуван Александар Максимов.