Свет Европа По бакнежот со Хермосо, Луис Рубиалес суспендиран од фудбалот на три години

По бакнежот со Хермосо, Луис Рубиалес суспендиран од фудбалот на три години

Рубиалес предизвика скандал кога ја бакна во усни шпанската фудбалерка Џени Хермосо за време на церемонијата по финалето на Светското првенство за жени во август

Ministry of the Presidency. Government of Spain (Attribution or Attribution), via Wikimedia Commons

Поранешниот претседател на шпанската фудбалска репрезентација Луис Рубиалес доби три години забрана од ФИФА за сите фудбалски активности, пишува Гардијан.

Рубиалес предизвика скандал кога ја бакна во усни шпанската фудбалерка Џени Хермосо за време на церемонијата по финалето на Светското првенство за жени во август, во кое Шпанија ја победи Англија.

Рубиалес првично се обиде да ја продолжи својата функција, но минатиот месец поднесе оставка и е казнет за прекршување на членот 13 од дисциплинскиот кодекс на ФИФА.

Во своето соопштение, ФИФА објави дека му ги забранува сите активности на Луис Рубиалес поврзани со фудбалот на национално и меѓународно ниво, во период од три години.

По случувањата за време на финалето на Светското првенство за жени, Рубиалес беше привремено суспендиран во почетен период од 90 дена.

Високиот суд во Шпанија го испитуваше случајот откако обвинителите ја наведоа загриженоста дека може да постојат основи да се обвини Рубиалес за сексуален напад, како и за принуда поради бакнежот со Хермосо.

Во изјава во август, фудбалерката Хермосо рече дека инцидентот направил да се чувствува „ранлива“ и „жртва на агресија“. Таа го опиша бакнежот како „импулсивен чин, сексистички, ненаместен и без каква било согласност од моја страна“.

Рубиалес тврди дека бакнежот бил консензуален и најави оти ќе ја брани својата „невиност“.