Хроника По 23 години МВР ја заврши најдолгата потрага по бегалец од затвор

По 23 години МВР ја заврши најдолгата потрага по бегалец од затвор

Македонската полиција извести дека со екстрадицијата на македонскиот државјанин Д.М. од Италија во Македонија на крајот од минатиот месец, Секторот за меѓународна полициска соработка на МВР ја завршил најдолгата потрага по бегалец во историјата на македонската полиција, која траела цели 23 години еден месец и 14 дена.

Според соопштението на полицијата, на 12 јануари 1989 година Д.М. со соучесник извршиле брутално убиство на маж со секира, кого потоа го искасапиле. На 19 јуни 1989 година тогашниот Окружен Суд во Битола ги осудил Д.М. на 15 годишна а соучесникот на 12 годишна затворска казна за убиство.

На 14 март 1994 година Д.М., избегал додека бил на викенд отсуство од затворот „Идризово“. Следниот ден е распишана меѓународна потерница, како и меѓународната потрага, која траеше цели 21 година, 8 месеци и 12 денови, до неговото апсење во Италија на 27 ноември 2015 година.

По двегодишната екстрадициона постапка тој е спроведен во КПУ Идризово каде што треба да ја одлежи затворската казна изречена во 1989 година.