Свет Петмина загинати во налетот на ураганот Винстон на Фиџи

Петмина загинати во налетот на ураганот Винстон на Фиџи

Пет лица ги загубиле животите на Фиџи во најсилниот ураган што некогаш поминал низ овој архипелаг во Тихиот Океан, на кој живеат околу 900.000 жители, јавуваат светските медиуми.

Ураганот Винстон бил проследен од ветер кој дувал со брзина од 320 километри на час и од бранови со висина до 12 метри.

Во налетот на ураганот неколку села на Фиџи биле целосно уништени, а поради обилните врнежи сега се заканува опасност од поплави.

Премиерот на Фиџи, Френк Баинимарама, прогласил 30-дневна вонредна состојба, а воведен е и полициски час.

Сите училишта, од кои дел се користат како привремени засолништа, ќе бидат затворени една недела, а откажани се и сите авионски линии. Голем дел од жителите ноќта ја поминале во центрите за евакуација, каде добиле храна и вода.