Свет Балкан Павлопулос: Со односот кон бегалците, Македонија не заслужува да е во ЕУ...

Павлопулос: Со односот кон бегалците, Македонија не заслужува да е во ЕУ и во НАТО

Грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос, остро ги осуди инцидентите на Идомени и оцени дека со насилниот однос кон бегалците, Македонија покажала дека не заслужува да биде членка ниту на ЕУ ниту на НАТО.

Павлопулос на денешната средба со португалскиот премиер Антонио Коста говореше за начините на кои ЕУ треба да се справи со бегалската криза и го искористи моментот повторно да упати критика и напад кон Македонија околу прашањето за името.

– На соседните држави, а тука конкретно мислам на поранешната југословенска Република Македонија, кои имаат амбиции да влезат во ЕУ и во НАТО, кога се однесуваат кон бегалците како што се однесуваа вчера тука во Грција, со однос кој е незамислив, неприфатлив за хуманизмот, јасно е дека не им е местото ниту во ЕУ ниту, секако, во НАТО – истакна Павлопулос.

Грчкиот претседател посочи дека членките на ЕУ мора да се однесуваат хумано и солидарно кон најкритичниот проблем на Унијата во овој момент, односно кон бегалската криза.