Македонија Пахор и Грабар-Китаровиќ утре во посета на Македонија

Пахор и Грабар-Китаровиќ утре во посета на Македонија

Претседателите на Словенија и на Хрватска, Борут Пахор и Колинда Грабар-Китаровиќ, утре доаѓаат во дводневна посета на Македонија, каде ќе имаат средби со претседателот на државата, Ѓорге Иванов, и со лидерите на четирите политички партии.

Пахор и Китаровиќ, како што јавува словенечката новинска агенција СТА, во земјава доаѓаат како лидери на процесот Брдо-Бриони, во кој учествуваат претседателите на земјите од Западен Балкан.

Покрај мигрантската криза, извесно е дека тема на разговор ќе бидат и актуелните политички случувања во земјава.

На официјалната интернет-страницата на хрватската претседателка е објавена целата агенда за посетата на Грабар-Китаровиќ и на нејзиниот словенечки колега Борут Пахор на Македонија.

Во 16.45 часот, таа и словенечкиот претседател ќе имаат средба со претседателот Иванов, во вилата Водно, а по 18 часот следуваат средби со претседателите на ДПА, СДСМ, ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ, Мендух Тачи, Зоран Заев, Али Ахмети и Никола Груевски, во хотелот „Александар палас“.

Според хрватската новинска агенција ХИНА, Грабар-Китаровиќ ќе го посети и привремениот прифатен центар за мигранти „Винојуг“ кај Гевгелија.