Главна секција Остри полемики за законите за финансиска поддршка на инвестициите и за енергетика

Остри полемики за законите за финансиска поддршка на инвестициите и за енергетика

Со многу остри полемики и обвинувања помеѓу власта и опозицијата, денеска Собранието во рамките на 45-тата седница, покрај десетина закони што ги изгласа без расправа, го донесе и Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

На гласањето му претходеше долга расправа со многу реплики и контрареплики помеѓу вицепремиерот Кочо Анѓушев и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, а во дискусијата се вклучија и неколкумина пратеници од владејачкото мнозинство.  Опозициските пратеници обвинуваа дека новата власт не донела ниту една странска инвестиција, на што се спротивставуваа нивните колеги од СДСМ.

Според Анѓушев, овој закон е максимално поддржувачки за домашните, но и за странските инвестиции, 20 од 23-те странски компании кои моментално работат, согласно проекциите би оствариле и повисока државна поддршка.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваа дека со законот ќе се овозможи и човек-фирми блиски на власта да остварат големи приходи од државната финансиска помош, на сметка на домашните компании што произведуваат.

Собранието усвои десетина закони, меѓу кои и тие за државна статистика, за заштита на конкуренција, за стандардизација, за санитарна и здравствена инспекција, за лековите и медицинските средства, за комплементарна и алтернативна медицина, за акредитација…

Потоа се дискутираше за законите во прво читање, со европско знаменце, при што законот за странци беше даден на понатамошна процедура, а предлог-законот за енергетика во прво читање покрена жестока расправа, која пак беше прекината од редовната пауза. Според пратениците од опозицијата, овој закон ќе донесе поголеми цени за струјата за домаќинствата, што Анѓушев го негираше, изнесувајќи го примерот со либерализацијата на пазарот за електрична енергија за големите и средните компании.

– Со либерализацијата, нивните трошоци се намалија – рече вицепремиерот.

По паузата, Собранието ќе се префрли на продолжението на 40-тата седница, на која единствена точка е Националната стратегија за културата, по што ќе продолжи 45-тата седница и расправата за законот за енергетика.