Свет Европа Орбан попушти, ЕУ ќе ги започне пристапните преговори со Украина и Молдавија

Орбан попушти, ЕУ ќе ги започне пристапните преговори со Украина и Молдавија

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел информираше дека европските лидери одлучиле да ѝ доделат статус на земја-кандидат за членство во ЕУ на Грузија

Image by Dušan Cvetanović from Pixabay

Европскиот совет вечерва одлучи да ги отвори пристапните преговори на ЕУ со Украина и Молдавија, пренесува весникот Гардијан. Наместо да стави вето, унгарскиот премиер Виктор Орбан се одлучи да го напушти моментот на донесување на одлуката во Брисел и на тој начин овозможи да отпочне преговарачкиот процес со двете земји, и покрај претходните закани дека нема да дозволи Украина да отпочне преговори со ЕУ.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел информираше дека европските лидери одлучиле да ѝ доделат статус на земја-кандидат за членство во ЕУ на Грузија. Сепак, на состанокот не беше одлученo да отпочнат преговорите за членство во ЕУ со  Босна и Херцеговина.

„ЕУ ќе ги отвори преговорите со Босна и Херцеговина кога ќе се постигне неопходниот степен на усогласеност со критериумите за членство и ќе ја повика Комисијата да извести до март за донесувањето на таквите одлуки“, објави Мишел на социјалната мрежа Х (Твитер).

Веднаш по донесувањето на одлуката на Европскиот совет, украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека ова е победа за Украина, но и за цела Европа која мотивира и инспирира.

„Историјата ја создаваат оние кои не се уморуваат од борба за слобода“, напиша претседателот Зеленски.