Свет Европа Орбан ќе го блокира предлогот за почеток на преговори на Украина со...

Орбан ќе го блокира предлогот за почеток на преговори на Украина со ЕУ

Пристигнувајќи на Самитот во Брисел, Орбан им рече на новинарите дека Украина сè уште не ги исполнува критериумите „засновани на заслуги“ за влез во ЕУ и дека за ова прашање не треба ниту да се разговара

Európa Pont, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Политиката на проширување на ЕУ, вклучително и процесот на стабилизација и асоцијација, најновите случувања со руската агресија врз Украина и континуираната поддршка на Унијата за земјата и украинскиот народ, ситуацијата на Блискиот Исток и предложената ревизија на повеќегодишната финансиска рамка за периодот 2021-2027 година, се главни теми на дводневниот Самит на ЕУ што се одржува денеска во Брисел.

На самитот пристигна унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој цврсто се противи Украина да ги почне преговорите за членство во Унијата. Пристигнувајќи на состанокот, Орбан им рече на новинарите дека Украина сè уште не ги исполнува критериумите „засновани на заслуги“ за влез во ЕУ и дека за ова прашање не треба ниту да се разговара.

„Нема да се оддалечиме од ова“, предупреди тој и додаде дека Украина исполнила три од седумте услови што ЕУ ги постави за започнување на пристапните преговори.

Орбан остана на ставот дека ќе го блокира предлогот, кој бара едногласна одлука од лидерите на сите 27 земји на блокот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека Орбан нема причина да го блокира Киев да се придвижи кон членство во ЕУ и рече дека неговата земја не може да ја победи Русија без поголема поддршка од Западот.

На самитот треба да се разгледаат и барањата за членство на Молдавија и Грузија. Молдавија се надева дека лидерите ќе и дадат зелено светло за почеток на разговори за приклучување.

Ветото кое го најавува Орбан против Украина ќе следи откако Бугарија ја блокира Северна Македонија во преговорите за членство во ЕУ и бара претходно да бидат вклучени Бугарите во македонскиот Устав. Исто така, Грција веќе извесен период се заканува дека ќе ја блокира Албанија за почетокот на преговорите за пристапување со ЕУ на лидерскиот самит во декември, поради апсењето на градоначалникот со грчко потекло на градот Химара во јужна Албанија.

Советот на министри на ЕУ на 12 декември ги усвои заклучоците за проширувањето, но без да даде препораки за отворање на пристапните преговори со Украина, Молдавија, БиХ, ниту пак да ѝ додели статус на кандидат за членство во ЕУ на Грузија.

Сите можни одлуки по овие прашања сега се оставени на шефовите на државите и на владите во ЕУ, кои ќе заседаваат денеска и утре во Брисел.

Се множат ветата во ЕУ: Орбан ќе ја блокира Украина во пристапните преговори?