Свет Балкан Општински советник од партијата на Курти меѓу петмина уапсени во Тирана за...

Општински советник од партијата на Курти меѓу петмина уапсени во Тирана за шверц на дрога

Советник на Албин Курти од Општина Приштина е еден од петте лица кои се уапсени во Тирана денес. Осомничените се обиделе да шверцуваат наркотици од Косово во Албанија, во вредност од околу 400.000 евра

Принтскрин од видео на полицијата од Албанија

Член од Советот на општина Приштина и припадник на партијата Самоопределување (ВВ) на косовскиот премиер Албин Курти е еден од петте лица кои се уапсени во Тирана денес. Осомничените се обиделе да шверцуваат наркотици од Косово во Албанија, во вредност од околу 400.000 евра. Полицијата пронашла 11.300 таблети екстази со тежина од 5.090 килограми, пренесоа косовските медиуми.

Според албанската полиција, Митхат Рамадани (30) и Бесник Мујеци (40) двајцата жители на Приштина и Калем Пицари (24), Амбра Мифтари (28) и Даниел Авдија (26) сите тројца жители на Тирана биле уапсени по повеќемесечна истрага во акцијата „Панишер 2“ во Тирана. Осомничените ја искористиле туристичка сезона за пренесување на наркотиците од Приштина до Тирана, преку автобуси и изнајмени возила.

Извори на KALLXO.com од државното обвинителство потврдија дека уапсениот Бесник Мујеци е член на партијата на Курти и според сознанијата на косовската истражувачка редакција е и акционер во локалното претпријатие „Автобуска станица“ во Приштина од јуни годинава.

„По пристигнувањето на пратките во Тирана, тие беа транспортирани со изнајмени автомобили во Тирана и други градови, главно крајбрежни, а местата за размена беа одредени на јавни места со многу движење и проток на луѓе. За да се договорат со дистрибутерите на синтетичка дрога во Албанија, шверцерите бараа авансни плаќања, па дури и оставање возила како гаранција“, рече директорот на локалната полициска управа на Тирана, Тонин Вочај на прес-конференција.