Македонија Општина Охрид ќе ги послуша препораките од владата за мораториум за градење

Општина Охрид ќе ги послуша препораките од владата за мораториум за градење

Откако владата на вчерашната седница упати препорака на општините од Охридскиот регион да прогласат мораториум на градежните активности сè до донесување на Планот за управување со природното и културно наследство, како и во рок од 10 дена да изготват акциски план со роковник за спроведување на препораките на УНЕСКО, Општина Охрид денеска преку соопштение објави дека ќе ги почитува препораките.

„Општина Охрид ќе ги преземе сите активности во согласност со законските прописи, со цел да се исполнат задолженијата. Општинските надлежни служби ќе ги разгледаат законските можности во однос на владината препорака за прогласување на мораториум на градежните активности до донесување на Планот за управување со природното и културно наследство. По налог на градоначалникот Константин Георгиески, во рок од 10 дена ќе биде изготвен Акциски план со роковник за спроведување на препораките на УНЕСКО. Веднаш по изготвувањето, овој план ќе биде ставен на дневен ред на седница на Советот на Општина Охрид“, се вели во соопштението.