Македонија Општина Битола формира комисија за штети и бара помош од владата по...

Општина Битола формира комисија за штети и бара помош од владата по вчерашниот земјотрес

Извор на фотографија: Општина Битола

По вчерашниот земјотрес што се случи во граничниот појас меѓу Грција и Северна Македонија, локалните власти од Битола денеска одржаа седница на општинскиот кризен штаб и на општинскиот совет. Нема повредени и загинати лица по вчерашниот земјотрес, но има оштетувања на некои згради, особено постари објекти во Битола.

Од општинскиот кризен штаб велат дека вон употреба е ставена градинката „Мајски цвет“, каде што се регистрирани оштетувања на објектот. Оштетувања се забележани и на зградата на Клиничката болница во Битола, каде што дел од пациентите се испишани од болница и дел од интервенциите се откажани.

Од Советот на општина Битола најавуваат дека општинскиот совет ќе формира комисија за проценка на штетите од земјотресот. Воедно, од владата тие ќе побараат одржување на итна седница, на која ќе се разгледа состојбата по земјотресот и ќе се побараат средства за санирање на штетите.

Инаку, силен земјотрес со магнитуда од 5,5 степени се случи вчера вечер на 3 километри северно од Флорина (Лерин), Грција, а во меѓувреме се случија и десетици други помали потреси.