Галерија Онлајн платформа за одржлив туризам во регионот на Југозападна Македонија и Источна...

Онлајн платформа за одржлив туризам во регионот на Југозападна Македонија и Источна Албанија

Новата онлајн туристичка платформа наречена Genuine Experiences (оригинални искуства) има за цел на туристите да им понуди да бидат директни учесници и авантуристи наместо пасивни набљудувачи.

Идејата и реализацијата е на стружанката Јасминка Поповска и охриѓанката Катерина Василевска, и двете со по 20 години искуство во туризмот. Тие сметаат дека туризмот на овие простори мора да се развива одржливо и сметаат дека смислиле начин како знаењата и вештините на локалното население да ги понудат на странски и домашни туристи како автентични искуства.

Катерина Василевска

-Навистина сметаме дека е време да почнеме да го промовираме регонов и Македонија на еден културен и автентичен начин. Ние не го сакаме масовниот туризам. Сметаме дека нашата преубава земја не заслужува таков вид туризам. Сметаме дека имаме можност да понудиме многу повеќе. Доколку би немале избор, доколку сме пустелија којашто мора да измислува топла вода би биле за масовен туризам. Но ние имаме толку многу нешта да понудиме што навистина е штета да не бидат сместени класифицирани како автентични искуства за кои сигурно знаеме и веќе гледаме во пракса дека туристите и тоа како знаат да ги ценат и се спремни да платат, не се ценкаат бидејќи гледаат дека тоа што им го нудиме е само тука и на ниту едно друго место – вели Катерина Василевска.

Со платформата е опфатен прекуграничниот регион со Албанија, односно југозападниот регион од Македонија, Маврово, Ростуше и Пелагонискиот крај, а од страната на Албанија регионите на Мат, Булќиза, Пешкопеја и Дибра. Како понудувачи на искуства се јавуваат домаќинки, занаетчии, уметници, спортисти, водичи, мали семејни бизниси кои се занимаваат со некакво производство, мали фарми и слично.

– Ја очекуваме првата група полски туристи кои доаѓаат исклучиво поради искуствата. Тие не доаѓаат тука да спијат и да јадат. Доаѓаат за да видат дел од искуствата, а другото е логистика. Нашите групи нема да бидат поголеми од 10 лица бидејќи не сакаме да го нарушиме животот на луѓето што ги посетуваме затоа што тоа се приватни средини, не се големи ресторани или хотели туку сето тоа е ексклузивно, малечко, едноставно претпочитаме квалитет пред квантитет – вели Василевска.

Платформата www.genuinexperiences.com e дел од проектот „Надвор од границите – воведување паметен туризам и споделена економија“, реализиран од Локална агенција за развој ЛАР Струга, Институт за Истражување во животна средина, градежништво и енергетика, Биолози од Албанија, поддржан од ЕУ преку ИПА 2 Прекуграничната програма.