Свет Свет ОН: Производството на опиум во Авганистан е зголемено за 43 отсто

ОН: Производството на опиум во Авганистан е зголемено за 43 отсто

Производството на опиум во Авганистан во изминатата година се зголемило за 43 отсто, соопшти Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДК), пренесува „Би-би-си“.

Според податоците на УНОДК, земјоделските површини на кои се одгледува афион, растението од кое се добива опиумот, се зголемени за 10 отсто и се простираат на површина од 201.000 хектари.

Авганистан е најголем светски производител на опиум, кој е и главна состојка од која се добива хероинот.

Иако одгледувањето на афион и производството на опиум се кривични дела во Авганистан, тоа сè уште е главен извор на финансии за сиромашните земјоделски заедници.

Талибанците, исто така, наплаќаат данок за производството на афион, што е главен извор за финансирање на нивните воени активности.

Авганистанската влада воведе политика за искоренување на одгледувањето на афион, но и покрај тоа, посевите со афион се широко распространети во регионите под контрола на владата, чии службеници честопати се обвинувани дека „замижуваат“ пред проблемот.

Извршниот директор на УНОДК, Јури Федотов, изјавил дека бројките од последниот извештај се „загрижувачки пресврт во напорите“ за искоренување на оваа појава.