Македонија Оливера Наковска Бикова со златен медал се враќа од Светското првенство во...

Оливера Наковска Бикова со златен медал се враќа од Светското првенство во стрелаштво

Извор на фотографија: Фејсбук профил, Vladymir Mihajlovic

Оливера Наковска Бикова денеска го освои златниот медал на Светското првенство во стрелаштво во Ал Аин, Обединетите Арапски Емирати и титулата светски шампион во дисциплината П4-Пиштол слободен избор на 50 метри. Таа постигна огромен спортски успех за Македонија, а беше предводена од нејзиниот тренер Бранимир Јовановски и асистентот Драган Дојчиноски. Со овој резултат таа обезбеди и настап на Параолимписките игри (ПОИ) во Париз во 2024 година.

Во квалификациите, Оливера испука резултат од 538 круга којшто е најдобар во нејзината кариера, со што го освои второто место и обезбеди пласман во финалето. Во самото финале, Оливера по првите пет истрели се најде на второто место на табелата, а веќе по завршување на втората серија од пет истрели ја презеде лидерската позиција и успеа да ја одбрани до крај.

По веста за освојување на златниот медал, премиерот Димитар Ковачевски упати честитки до Наковска Бикова од Битола за титулата светски шампион.

„На Оливера и на сите параолимпијци им посакувам успеси и во иднина. Вие сте нашата гордост, пример како се бранат македонските бои и најголем промотор на Република Северна Македонија во светот“, истакна Ковачевски во честитката на социјалните медиуми.