Македонија Одложена седницата на Европскиот Совет на која требаше да се одлучува за...

Одложена седницата на Европскиот Совет на која требаше да се одлучува за преговорите со Македонија

Фото: European Commission

Членовите на Европскиот Совет одржаа видео-конференција и одлучија да го одложат одржувањето на состанокот на Европскиот Совет, којшто беше закажан за 26 и 27 март, јавуваат светските медиуми. Причина за одложувањето е актуелната состојба со корона вирусот. На овој решавачки состанок на Европскиот совет требаше да се донесе одлука за почеток на претпристапните преговори на Македонија со ЕУ. Освен што е најавено дека планираната седница на Европскиот совет ќе се одржи со подоцнежен датум, засега нема друга информација во однос периодот на нејзиното одржување.

Европскиот Совет на денешната видео-конференција разговараше за ограничување на ширењето на корона вирусот, обезбедување медицинска опрема, промовирање на истражување и справување со социо-економските последици. Земјите-членки и институциите ќе продолжат да ја следат состојбата на сите нивоа. Во однос на актуелната ситуација со корона вирусот, Европскиот совет ќе одржи видео конференција и во текот на следната недела. Членовите на Европскиот совет потврдија дека е неопходно да се работи заедно за справување со кризата и нејзините последици, а приоритет е здравјето на граѓаните.