Македонија Од 1 јули патарините во Македонија и Србија ќе може да се...

Од 1 јули патарините во Македонија и Србија ќе може да се плаќаат со еден таг

Системот успешно ги пројде тестовите, подготвен е за употреба и функционален, соопштија од Јавното претпријатие за државни патишта

Фото: Архива на Мета.мк

Системот за заедничка електронска наплата на патарина на автопатите во Македонија и Србија ќе започне да се имплементира од 1 јули годинава, информираат од Јавното претпријатие за државни патишта. Со овој потег, возачите веќе нема да треба да застануваат и да купуваат додатни уреди или картички во друга земја, туку со еден уред ќе можат да плаќаат патарина во двете земји.

„Имплементацијата на проектот Отворен Балкан е во завршна фаза, системот се тестира и проверува во реално време и со вистински податоци. Системот успешно ги пројде тестовите, подготвен е за употреба и функционален. Во изминатиов период извршени се подготовки за интеграција на системот на наплата на патарина во Република Северна Македонија и Република Србија. Исто така, извршена е подготовка и развој на безбеден и ефикасен начин за реализација на трансакција во двете земји“, соопштија од Јавното претпријатие за државни патишта.

Проектот за заеднички таг беше најавен во септември 2021 година во рамките на иницијативата „Отворен балкан“ меѓу Албанија, Северна Македонија и Србија.