Свет Балкан Обвинителството отвори предмет за мајката чиј син уби 10 луѓе во белградското...

Обвинителството отвори предмет за мајката чиј син уби 10 луѓе во белградското училиште

На Градскиот центар за социјална работа му е наредено да изврши дијагностичка проценка во однос на функционалноста на семејството на 13-годишниот К.К.

Фото: МВР Србија

Основното јавно обвинителство во Белград по службена должност отворило предмет против М.К., мајка на седмоодделенецот кој на 3 мај годинава уби осум свои соученици и чуварот во училиштето „Владислав Рибникар“, а рани уште седум лица, од кои едно девојче подоцна почина. Обвинителството ќе утврдува дали во случајот кај мајката има елементи на кривично дело „запуштање и злоупотреба на малолетно лице“.

Обвинителството, како што пренесува Н1испратило барање до српското Министерство за внатрешни работи за прибирање на потребните информации и наредило да се изврши распит со мајката и разговор со педагог, психолог и вработени во ОУ „Владислав Рибникар“. Исто така, на Градскиот центар за социјална работа му е наредено да изврши дијагностичка проценка во однос на функционалноста на семејството на 13-годишниот К.К.

Детето се наоѓа под надзор во психијатриска установа, додека неговиот татко, со чие оружје беа убиени 10 луѓе, е во притвор.

Децата од ОУ „Владислав Рибникар“ почнаа да одат во училиштето, а во српската јавност големи се дебатите за тоа, дали во објектот воопшто треба да се одржува настава во иднина.