Македонија Обвинителствата дадоа позитивно мислење за уште четири амнестии

Обвинителствата дадоа позитивно мислење за уште четири амнестии

Основните јавни обвинителства, согласно пред некој ден изгласаниот Закон за амнестија, денеска до Основниот суд Скопје 1 доставиле мислења за преостанатите барања за амнестија и позитивно мислење дале само за четири од нив. Интересното е што Основното јавно обвинителство – Скопје, од 37-те барања се изјаснило позитивно само за едно, а другите ги оценило како неприфатливи.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска ги достави мислењата по преостанатите 17 барања за амнестија. Дадено е позитивно мислење по три барања, а негативно за 14. Со тоа, од вкупно примени 29 барања за амнестија, доставени од надлежниот суд, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција даде позитивно мислење по 15 барања за амнестија, а за другите 14 дадено е мислење дека по барањата не се исполнети условите од Законот.

Основното јавно обвинителство Скопје постапуваше по 37 барања за амнестија. Денеска по сите е испратено мислење до Основниот суд Скопје 1 Скопје.

Само во еден случај надлежен обвинител има дадено позитивно мислење, а за другите 36 лица мислењето од надлежните јавни обвинители е негативно.