Свет Балкан Обама ја почна посетата на Атина

Обама ја почна посетата на Атина

Американскиот претседател Барак Обама пристигна во Атина. Министерот за одбрана Панос Каменос, со највисоки државни почести, го пречека на аеродромот во 10.30 часот по локално време. Обама ќе биде во Атина два дена и ќе има средби со грчкиот државен врв.

Американскиот претседател е во придружба на министерот за финансии, Џек Лу, и на помошникот државен секретар за европски и евроазиски работи, Викторија Нуланд.

Околу 13.30 часот по локално време, Обама ќе се сретне со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос. Средбата ќе трае околу еден час, а потоа американскиот претседател ќе замине во премиерската палата, каде ќе се сретне со премиерот Алексис Ципрас. По средбата со Ципрас, двајцата ќе одржат прес-конференција.

Главни теми на кои се очекува да се фокусираат Обама и грчките власти се грчкиот долг, реформите во грчката економија договорени со кредиторите, бегалската криза, грчко-американските односи и можностите за инвестиции, како и кипарското прашање.

По пладневните средби, Обама ќе присуствува на вечера во претседателската палата во присуство на 120 грчки и американски гости.

Атина е под силни безбедносни мерки поради посетата на Обама. Во центарот на градот ќе има 5.000 полицајци, 500 агенти на ЦИА, специјалци и снајперисти. Улиците низ градот ќе бидат блокирани и затворени за сообраќај половина час пред Обама да тргне од аеродромот кон центарот на градот, а во тој период нема да има метро од аеродромот кон Атина. Метро-станиците во центарот ќе бидат затворени од пладне, а од безбедносни причини нема да има настава во училиштата во строгиот центар на градот. Новинарите имаат посебни акредитации, ќе поминат специјална проверка и со придружба ќе заминат на средбите со Ципрас и со Павлопулос.

Грчката полиција строго забрани протести денеска и утре, но и покрај тоа дел од синдикатите и анархистичките здруженија повикуваат на протести против американскиот претседател и политиката на САД.