Свет Балкан Нехат Тачи сослушан во Белград

Нехат Тачи сослушан во Белград

Директорот на косовската полиција за регионот на Косовска Митровица, Нехат Тачи, кој е осомничен за тероризам, од нишкиот затвор е префрлен во Белград каде денеска е сослушан во обвинителството за организиран криминал.

Обвинителството соопшти дека осомничениот во целост го негира делото и дека истрагата ќе продолжи.

Српската полиција го уапси Тачи на 29 септември, кога тој се обидел да влезе во Србија на граничниот премин Кончуљ, по што беше префрлен во притвор во Ниш.

Бранителите на Тачи оценија дека обвинението е незаконско и го обвинија судот дека го одолжува овој случај.

Адвокатот Сеад Шпаховиќ рече дека кривичното дело за кое на почетокот бил осомничен Тачи потоа е изменето, па сега го товарат затоа што заплашувал едно семејство во Србија заканувајќи им се дека ќе ги нападне со бомба, поради што, наводно, тие подоцна се иселиле.

Шпаховиќ рече и дека против Тачи не постои ниту еден доказ, дека на Косово ги помминал сите безбедносни контроли на КФОР и на други институции, како и дека не би можел да ја извршува функцијата полицаец на северот на Косово ако е осомничен за какво било злодело.