Технологија Наука Науници од САД тврдат: Правиме јаглеродни нановлакна од ЦО2 од воздухот

Науници од САД тврдат: Правиме јаглеродни нановлакна од ЦО2 од воздухот

Американски научници тврдат дека откриле метод за добивање на јаглеродни нановлакна од јаглерод диоксид од воздухот.

Како што пренесува „Би-Би-Си“, нивниот соларно напојуван систем користи електрична енергија од само неколку волти, која се спроведува во сад полн со врела, растопена сол, по што јаглерод диоксидот се апсорбира и нановлакната постепено се собираат на една од електродите.

Со оваа метода, научниците во моментов се во можност да направат околу 10 грама нановлакна за еден час.

Добивањето на јаглеродните нановлакна во моментот е доста скап процес. Тие веќе се користат во технологијата за производство на електронски компоненти и батерии, но доколку нивната цена се намали ќе можат да добијат уште поширока примена и истовремено ќе се модифицираат цврстите и лесни јаглеродни делови кои се користат во авионската и автомобилската индустрија.

Идејата за добивање на нановлакна од јаглерод диоксидот од воздухот е многу популарна во науката, но засега нема некој посериозен напредок на ова поле.

Водачот на тимот научници од САД, професорот Стјуарт Лихт од Универзитетот „Џорџ Вашингтон“ е убеден дека неговиот метод може да се покаже како успешна приказна.

„Станува збор за многу едноставен систем, а за целиот процес е потребна многу мала енергија“, изјавил Лихт, додавајќи дека неговиот систем ќе овозможи „разумен пат за намалување на нивоата на јаглерод диоскид во атмосферата“.

Резултатите од истражувањата на неговиот тим биле презентирани на есенскиот состанок на Американското хемиско друштво во Бостон.