Свет Европа НАТО: Нема потреба да се менува нивото на нуклеарна тревога

НАТО: Нема потреба да се менува нивото на нуклеарна тревога

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг | Фото: НАТО

Шефот на НАТО вели дека Алијансата не гледа потреба да го промени нивото на тревога за нуклеарно оружје, и покрај заканите на Русија.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, зборуваше за Асошиејтед прес по разговорите за европската безбедност со полскиот претседател Анджеј Дуда, воздухопловната база во Полска, каде што се наоѓаат полските и американските борбени авиони на НАТО.

„Ние секогаш ќе го правиме она што е потребно за да ги заштитиме и одбраниме нашите сојузници, но не мислиме дека сега има потреба да се менува нивото на готовност на нуклеарните сили на НАТО“, рече Столтенберг.

Кремљ го воскресна сеништето за нуклеарна војна, известувајќи во понеделникот дека неговите копнени, воздушни и поморски нуклеарни сили се во состојба на висока готовност по наредбата на претседателот Владимир Путин за викендот. НАТО нема нуклеарно оружје, но три негови членки, САД, Велика Британија и Франција имаат, потсетува Асошиетед Прес.

Со емоционален апел до Европскиот парламент, украинскиот претседател Володимир Зеленски преку видео обраќање побара прием на неговата земја во ЕУ.

„Ние се бориме за нашите права, за нашата слобода и за нашите животи. Ние се бориме за преживување. Но, ние исто така се бориме за полноправно членство во Европската унија. ЕУ ќе биде многу посилна со нас, тоа е сигурно. Без вас, Украина останува сама“, изјави Зеленски.

„Докажете дека сте Европејци и тогаш животот ќе ја победи смртта, светлината ќе триумфира над темнината и над војната”, истакна украинскиот претседател.

Во меѓувреме Русија не запира со нападите. Руските гранати го погодија главниот централен плоштад во вториот по големина град во Украина, Харков, и други цивилни цели.

Зеленскиј го нарече нападот на главниот плоштад во Харков „искрен, нескриен терор“, обвинувајќи ја руската страна и го окарактеризираше како воено злосторство.