Свет Европа Нападнато пристаниште на Дунав во Украина, уништени дронови над рускиот регион Калуга

Нападнато пристаниште на Дунав во Украина, уништени дронови над рускиот регион Калуга

Украинските пристаништа на Дунав обезбедуваа премин за околу една четвртина од извозот на жито пред Русија да се повлече од договорот на Обединетите нации за безбеден извоз преку Црното море

фото: Укринформ

Магацини и амбари на едно од пристаништата на реката Дунав се уништени во напад со беспилотни летала во украинскиот регион Одеса, информираше гувернерот на регионот, Олех Кипер, а пренесе Укринформ.

Нема повредени во нападот.

Воздухопловните сили на Украина соопштија дека голема група дронови на руската армија влегле во устието на реката Дунав и се упатиле кон речното пристаниште Измаил во близина на границата со Романија.

Гувернерот Кипер побарал од жителите во областа да се засолнат, а еден час подоцна било повлечено предупредувањето за воздушен напад.

Украинските пристаништа на Дунав обезбедуваа премин за околу една четвртина од извозот на жито пред Русија да се повлече од договорот на Обединетите нации за безбеден извоз преку Црното море.

Рускиот напад на пристаништето Измаил ги зголеми глобалните цени на храната на почетокот на август, пишува Гардијан.

Руското Министерство за одбрана, пак, утрово соопшти дека соборило три украински беспилотни летала југозападно од Москва, што претставува последен во напливот на воздушни напади во близина на главниот град на Русија, пренесува Гардијан.

Украина го започнала нападот утрово околу 5 часот со три беспилотни летала на објекти во регионот Калуга.

Гувернерот на Калуга рече дека беспилотните летала биле соборени на југот од регионот, неколку стотици километри југозападно од Москва, додавајќи оти „нема последици по луѓето и инфраструктурата“.

Овој воздушен напад е најмалку петти по ред месецов над регионот Калуга што Русија тврди дека го спречила.