Македонија Нападната екипа на ТВ Алсат, повреден снимателот – ЗНМ бара реакција од...

Нападната екипа на ТВ Алсат, повреден снимателот – ЗНМ бара реакција од МВР

За време на снимање во Старата скопска чаршија на јавна површина, сопственик на берберница ги нападнал снимателот и две новинарки

Фото: Здружение на новинари на Македонија

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) бара од Министерството за внатрешни работи (МВР) да спроведе брза и ефикасна истрага за нападот што денеска се случил врз новинарска екипа на Телевизија Алсат.

Како што соопштија од Здружението, за време на снимањето инсерти за промо на емисија во Старата скопска чаршија на јавна површина, сопственик на берберница во чаршијата ги нападнал снимателот и двете новинарки Ера Ѓакова и Сара Хоџа.

„Според изјавите на нашите колеги, додека снимале инсерти во чаршијата за потребите на емисијата од еден од дуќаните излегол сопственикот, бербер со ножици и им се обратил со вербални навреди и закани по живот, при што на снимателот му нанел видливи повреди на главата“, појаснуваат од ЗНМ.

При физичкиот напад била оштетена и опремата на снимателот на телевизијата. Лицето по нападот се вратило во дуќанот, а потоа повторно излегло, по што се упатило во непознат правец.

„ЗНМ бара од Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и ефикасна истрага во интерес на пронаоѓање и санкционирање на напаѓачот. Потенцираме дека заканите по живот се кривични дела предвидени во Кривичниот законик а МВР и ОЈО, треба итно да ги истражат и процесираат со цел да ги казнат оние кои го прекршуваат законот, но и да превенираат евентуални вакви кривични дела во иднина“, велат од ЗНМ.