Свет Европа Најмногу руски напади врз Украина во изминативе 24 часа од почетокот на...

Најмногу руски напади врз Украина во изминативе 24 часа од почетокот на годината

Русија гранатираше 118 населени места во 10 региони. Ова е најголемиот број погодени градови и села од почетокот на годината, објави украинскиот министер за внатрешни работи Ихор Клименко

фото: Укринформ

Руските сили нападнале повеќе од 100 локации во Украина во изминативе 24 часа, што претставува најголем број на руски напади во еден ден од почетокот на годинава. Нападите резултирале со смртни случаи и повредени лица.

„Во текот на денот непријателот гранатираше 118 населени места во 10 региони. Ова е најголемиот број погодени градови и села од почетокот на годината“, објави украинскиот министер за внатрешни работи Ихор Клименко на Телеграм, а пренесе Укринформ.

Тој напиша дека ноќта руските сили извршиле масовно гранатирање на украинската територија, при што има мртви и ранети.

Во регионот Полтава, околу полноќ, руските војници нападнале рафинерија за нафта во Кременчук. Настанатиот пожар неколку часа го гаснеле стотина лица, но немало жртви.

Русите го гранатирале градот Купијанск во областа Харкив, при што едно лице загинало, а друго било повредено во селото Петропавливка.

Во Доњецката област едно лица загинало како резултат на гранатирање на селото Пивдене.

Во областа Днипропетровск, Русија три пати со артилерија ја нападнала областа Никопол, при што регистрирано е едно загинато лице, пренесува Укринформ.

Под оган се нашол и регионот Херсон, каде што биле нападнати селото Чаривне и градот Берислав, а две лица завршиле со повреди. Едно лице загинало во селото Чајкине.

Во регионот на Миколаив, на полноќ, руските сили го гранатирале Очакив, а оштетени биле две куќи.

Руските трупи нападнале критична инфраструктура и воени објекти во Украина користејќи ирански беспилотни летала Шахед-136/131 и ракета Кх-59. Украинскиот систем за противвоздушна одбрана соборил 18 од вкупно 20 дронови, како и проектилот.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Зеленски ги отфрли критиките, во главно од западни извори, дека контраофанзивата против Русија се одвива премногу бавно, додавајќи оти војната не е слична на „сет на Холивудски филм“, пренесува Гардијан.

Украинската војска соопшти дека руските сили се подготвуваат за нови напади на различни делови од фронтот, но во последните месеци е забележано мало движење по линијата на фронтот долга илјада километри.

Зеленски ги поздрави украинските офанзивни потези кои ги ограничија операциите на руската Црноморска флота, но рече оти никој не треба да очекува брзи успешни приказни во одбивањето на 20-месечната инвазија на Русија.