Свет Европа Најмалку девет цивили загинаа во најновите руски напади врз Украина

Најмалку девет цивили загинаа во најновите руски напади врз Украина

Украинските власти информираат за загинати лица во регионите Донецк, Херсон и Суми

Погоден цивилен објект во Константиновка; Извор на фотографија: Обвинителство во Донецкиот регион

Русија изминатово деноноќие изврши нови напади врз Украина, во кои животот го загубија најмалку девет цивили во различни украински региони. Најмалку шест цивили загинаа, а пет лица се ранети како последица на руските воени дејствија во Донецкиот регион, јавува Укринформ. Пет лица загинале во градот Константиновка при руски ракетен напад врз зграда, а едно лице го изгубило животот во Часив Јар.

Под масивен ракетен напад изминатава ноќ биле населени места во регионот Суми во североисточниот дел на Украина. Најжесток бил нападот врз градот Билопилија, каде две лица го загубиле животот, а девет биле повредени. Меѓу загинатите е и полицаец од градот. Во руските напади биле уништени административна зграда, училиште и станбена зграда, а оштетени биле и други станбени згради, куќи и студентски дом. Ниту еден од погодените објекти не бил воен објект, пренесува Укринформ.

Над 74 напади врз населени места во Херсонскиот регион се регистрирани во изминатово деноноќие. Како резултат на руските напади, во населеното место Билозерка загинал еден цивил, а најмалку четворица биле повредени, пишува Укринформ.

Руските сили лансирале и дронови-камикази од иранско производство врз цели во градот Криви Рих во централниот дел на Украина. Украинските власти велат дека еден од дроновите бил соборен, а пет од овие беспилотни летала ја погодиле целта, не прецизирајќи кои локации биле погодени во нападите, пренесува Укринформ.

Воените дејствија продолжија и во изминатово деноноќие, првенствено во Донецкиот и Луханскиот регион. И додека украинските власти најавуваат контраофанзива во реонот на Бахмут против руските сили, Гардијан ги пренесува информациите дека можно е Русија да ги пренасочува своите војници и ресурси во други области, откако британското разузнавање претходно соопшти дека руските сили ја повратиле контролата врз приодите кон градот Кремина во Луханскиот регион.

Интензивни борби меѓу руските и украинските сили се водат и јужно од Бахмут, за градот Авдивка. Со оваа оценка се согласи и украинскиот воен аналитичар Олех Жданов, кој анализира дека Русија ги префрла воените напори за напредување јужно од Бахмут.

Секоја промена на моментумот во Бахмут, доколку се потврди, би била извонреден пресврт на руската тактика, со оглед на симболичното значење на градот како фокус на руската офанзива и обемот на загубите на двете страни таму во најкрвавата пешадиска битка во Европа од Втората светска војна, пренесува Гардијан.