Свет Балкан Најмалку 50 загинати и 150 повредени во пожарот во Грција

Најмалку 50 загинати и 150 повредени во пожарот во Грција

Најмалку 50 луѓе ги загубија животите во пожари во Грција кои од вчера беснеат во најголем дел во областа Атика кај Атина. Локалните власти стравуваат дека бројката на загинати во пожарот ќе се зголеми на 60, бидејќи се уште има многу исчезнати.

Портпаролот на Владата, Димитрис Ѕанакопулос соопшти дека Атика се соочувала со многу тешка ноќ.

– Бројот на потврдени загинати, за жал, во овој момент е над 20, а повредени се повеќе од 88 возрасни лица, од кои 11 се сериозно, како и 16 деца – рече Ѕанакопулос.

Грчкиот премиер, Алексис Ципрас синоќа ја прекинал посетата на Босна и Херцеговина по што итно се врати во Атина. Градот Мати што е во непосредна близина е целосно уништен од пожарите, a рибари и крајбрежната стража спасиле околу 700 луѓе.

Според спасувачите од Црвениот крст, во двор на таверна во населбата Мати, во источниот дел на областа Атика, биле пронајдени јагленисани тела на 26 лица помеѓу кои и деца, кои биле прегрнати во неколку групи, објавуваат грчките медиуми.

Претпоставките на спасувачите се дека луѓето тргнале кон морето за да се спасат, но на 30-40 метри оддалеченост, поради големината и јачината на огнените јазици, нивните обиди биле залудни.

Грција вчера побара меѓународна помош, преку механизмот на ЕУ, позитивно одговориле Шпанија и Кипар, а помош ќе добие и од САД, по упатеното барање од министерот за одбрана.

Македонија ќе испрати два авиони за гаснење на пожарот. Утрово, пожарот иако е ставен под контрола, се уште не е целосно изгасен.