Свет Балкан Најмалку 20 загинати и 300 повредени во експлозија на бензинска пумпа во...

Најмалку 20 загинати и 300 повредени во експлозија на бензинска пумпа во Нагорно Карабах

Експлозијата на складиште за гориво се случила синоќа во близина на регионалната престолнина Степанакерт, додека жителите чекале да наточат гориво за своите автомобили кога го напуштале регионот

Photo by Jeff Kingma on Unsplash

Најмалку 20 лица загинаа, а повеќе од 300 се повредени во експлозија на бензинска пумпа во Нагорно Карабах, јавува Асошиејтед Прес. 

Ова го соопштиле ерменските сепаратистички власти, во време кога илјадници цивили бегаат пред пристигнувањето на азербејџанските сили, кои во брза офанзива ја вратија контролата над Нагорно Карабах.

Експлозијата на складиште за гориво, според АП, се случила синоќа во близина на регионалната престолнина Степанакерт, додека жителите чекале да наточат гориво за своите автомобили кога го напуштале регионот. Причината за експлозијата сè уште не е позната.

Азербејџанската армија ги победи ерменските сили во еднодневна офанзива минатата недела, принудувајќи ги сепаратистичките власти да го положат оружјето и да започнат разговори за „реинтеграција“ на Нагорно-Карабах во Азербејџан по три децении сепаратистичка политика.

Иако Азербејџан вети дека ќе ги почитува правата на етничките Ерменци во регионот, голем број жители поради страв се селат во Ерменија.

Ерменската влада денеска соопштила дека во Ерменија досега пристигнале 13.350 бегалци од Нагорно Карабах.

„Владата обезбедува домување за сите оние кои немаат каде да живеат“, се вели во соопштението на ерменските власти и се додава дека продолжува регистрацијата на бегалците.