Видео Најмалку 10 жртви откако комби во Торонто покоси пешаци

Најмалку 10 жртви откако комби во Торонто покоси пешаци

Десет луѓе се мртви, а 15 се повредени во инцидент што вчера се случи во најголемиот канадски град Торонто. Сè уште не е утврдено дали станува збор за терористички акт или напад поради други причини.

Инцидентот се случил вчера во 13.30 часот по локално време, на раскрсницата на улицата Јонг и авенијата Финч.

Возачот на комбито, 25-годишниот Алек Минасиан, бил уапсен неколку улици подалеку од местото на нападот и денеска треба да биде изведен пред суд. При апсењето вперил пиштол кон полицајците, но сепак не пукал.

Заменик шефот на полицијата во Торонто, Питер Јуен,  изјави дека не може да каже која била причината или мотивот за нападот.

Нападот се случил во време кога се користи паузата за ручек. Возилото било изнајмено од компанијата „Рајдер систем“.

Очевидец на настанот изјави дека „возачот дејствувал планирано и сакал да ги убие сите“, удирајќи во луѓе, хидранти, поштенски сандачиња…

– Гледав како луѓе летаат во воздух. Шест или седум луѓе. Делуваше како на филм. Мислам дека сите се мртви – вели еден очевидец.