Свет Балкан На северот на Косово е мирно но тензично, полицијата е присутна пред...

На северот на Косово е мирно но тензично, полицијата е присутна пред државните објекти

Фото: Владислав Ќуп

Ситуацијата на северот на Косово во моментов е мирна, но тензична, велат за „Мета.мк“ жители на северна Митровица.

„Во моментов ништо не се случува освен што е забележливо зголемено присуство на полицијата пред објектите на државните институции и зградата на изборната комисија“, рече Оливера Станојевиќ.

Доцна синоќа во селото Србовац во општина Звечан, полесно е ранет еден припадник на дежурните полициски единици во вооружен, соопшти полицијата на Косово.

Овој напад се случи откако косовската полиција го зголеми присуството на северот на Косово поради зачестените инциденти.

Косовскиот премиер Албин Курти денес изјави дека безбедносните органи не прогонуваат никого на етничка или верска основа, туку само според нивното индивидуално или групно однесување и постапки.

„Косовската полиција никогаш не е насочена, охрабрувана, ориентирана против Србите. Напротив, има дополнително разгледување за Србите во Косово, токму поради разни погрешни толкувања, кои може да ги направи нашиот северен сосед“, рече тој пред пратениците на Собранието на Косово.

Сепак, Курти истакна дека и покрај „дополнителните размислувања“, Косово има одговорности кои произлегуваат од уставот и законот.

„Никогаш не ги поистоветувам Србите, без разлика што прават и зборуваат. Официјален Белград сфати дека не може да ги раздвои Албанците и Србите во објаснувањето на ситуацијата на Косово. Секој ден Србите и Албанците се среќаваат на Косово“, рече Курти.

Тој рече дека постојано се консултира со меѓународниот фактор.

„Но, треба да разберете дека тие очекуваат да бидеме на висината на задачата во нашата земја. Тие се амбасадори на КВИНТ (САД, Обединетото Кралство, Франција, Германија и Италија н.з.), но не можат да станат министри. Министри се граѓаните на оваа држава, кои моментално се во нашата Влада. Владите доаѓаат и си одат, но државата останува“, рече Курти.

Од друга страна, Белград најави враќање на околу 1.000 безбедносни сили на северот на Косово.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во текот на ноќта и претпладнето разговараше со министерот за одбрана на Србија и началникот на Генералштабот на српските вооружени сили, за што утрово преку Инстаграм ја информираше јавноста со порака „Не се предаваме“.

Српската премиерка, Ана Брнабиќ, изрази мислење дека Србија има право и намера, според Резолуцијата 1244 на ОН, да врати одреден број на војници во Косово.

Пред синоќешниот инцидент во средата на 7 декември беа фрлени две експлозивни направи во Северна Митровица, а ден пред тоа во Зубин Поток беа демолирани канцелариите на Централната изборна комисија на Косово.