Свет Балкан На Прешево запленет товар со криумчарени лекови вреден милион евра

На Прешево запленет товар со криумчарени лекови вреден милион евра

На граничниот премин Прешево помеѓу Србија и Македонија, српски цариници заплениле товар со криумчарени лекови во вредност од околу милион евра, соопшти денеска Царинската управа на Србија.

Пратката со лекови од Индија е откриена во камион на аеродромски превозник од Скопје, кој требало да ја превезе до белградскиот аеродром. Како примач е назначена „Ер Србија“, која пратката требало да ја испрати во Виена, додека како краен корисник е наведена фирма од Бања Лука.

Товарот имал документација со гаранција издадена во Македонија и со наведена вредност од 7.000 евра, а цариниците воочиле бројни несовпаѓања, се наведува во соопштението.

Во пратката која требало да биде внесена во Србија, најброен бил лекот за потенција „камагра 100“, односно повеќе од 250.000 табли, што е шестпати повеќе отколку што е наведено во документацијата и чини околу 850.000 евра, како и непријавени лекови во вредност од околу 130.000 евра.