Македонија На Бахамите најголема евакуација во историјата, Ирма ќе го погоди и Мајами

На Бахамите најголема евакуација во историјата, Ирма ќе го погоди и Мајами

Ирма, најсилниот ураган во историјата на мерење на силата на овие временски непогоди, воопшто не ослабнува и го продолжува својот разорен поход на Карибите. Се приближува на Куба, а сосема сигурно на неговиот удар ќе се најде и Флорида и нејзиниот најголем град Мајами.

По Ирма, пристигнува и ураганот Хозе, кој достигна трета категорија, а буквално ја следи Ирма, односно поминува на истата траекторија.

На Куба 10.000 туристи добија наредби да ги напуштат хотелите или вилите на најизложените брегови и земјата е во максимална тревога. Ирма, која досега одзеде повеќе од 20 животи, потоа ќе продолжи кон Флорида, од каде ќе оди кон Џорџија и Јужна Каролина.

На Бахамите се одвива најголемата евакуација во историјата на архипелагот зашто Ирма носи налети на ветер со брзина од 295 километри на час и не ослабнува веќе 37 часа.

Ураганот му одзеде речиси сè и на штипското семејство Шутеви, кое сега е заглавено на Карибите, јави телевизијата „Стар“.

Веќе втор ден, две сестри близначки, сопругот и едногодишното синче на едната од нив, како и нивните родители, дојдени на гости, се дел од неколкуте илјади жители на Карибите кои останаа без ништо свое.