Македонија МЖСПП: Надминат прагот на алармирање во Битола, прекинат во Кичево и Гостивар

МЖСПП: Надминат прагот на алармирање во Битола, прекинат во Кичево и Гостивар

Фото: Мета.мк

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска информираше дека прагот на алармирање за присуство на ПМ-10 честички во воздухот е надминат во Битола на мерното место Битола 2, а во исто време прагот на алармирање е прекинат во Кичево и Гостивар.

„Согласно Уредба за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели (Службен весник на Република Македонија бр. 183 од 14.12.2017 година) во која е дефиниран прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 mg/m3 во текот на два последователни денови) и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека истиот е надминат на мернoто место во Битола – Битола 2“, информираат од Министерството за животна средина.

На 3 јануари, на ова мерно место во Битола среднодневните концентрации на ПМ-10 честички изнесувале 163,04 микрограми на метар кубен, додека на 4 јануари тие се зголемиле на огромни 207,57 микрограми на метар кубен.

Од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање доставена е информација за надминување на прагот на алармирање до Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика, Државен инспекторат за животна средина, Управа за животна средина, Сектор за комуникација со јавноста во МЖСПП, Институт за јавно здравје и до Општина Битола за епизодата на алармантно загадување на воздухот.

Исто така, Министерството за животна средина и просторно планирање информира и дека согласно податоците од Државниот мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух на ден 02.01.2023, среднодневните концентрации на ПМ-10 суспендираните честички се под дефинираниот праг на алармирање од 150 мg/m3, и епизодата од два последователни дена е прекината во Кичево и Гостивар, каде престануваат да важат препораките и мерките за надминат праг на алармирање.